Холандија

Семејствата на жртвите чекаат пресуда за соборениот авион

17.11.2022 12:37

Холандскиот суд треба да ја објави пресудата за четворицата мажи, обвинети за соборувањето на малезискиот патнички авион. Ниту еден од нив всушност не е обвинет дека ја испукал ракетата што го собори Боингот 777 во источна Украина во 2014-та, при што загинаа 298 луѓе...

Семејствата и пријателите на жртвите од авионот на Малезија Ерлајнс на летот од Амстердам до Куала Лумпур, кој беше соборен со проектил над источна Украина во 2014-та година, во очекување на пресудата на холандскиот суд за четворицата мажи обвинети за соборувањето на боингот.

„Сосема е јасно дека Русија беше вмешана уште од почетокот на овој конфликт во 2014 година и доказите во судењето покажаа дека ракетниот фрлач дошол од Русија, па јасно е дека голем дел од вината треба да се стави кај рускиот претседател Владимир Путин и рускиот режим. Мислам дека има и други аспекти на одговорноста, но мислам дека тие тргнаа по прилично високите лидери на сепаратистичката армија и мислам дека тоа е веројатно вистинското место да се бара вина“, рече Пол Гард, син на жртва.

Група од околу 60 австралиски роднини на жртвите за првпат се во Холандија за пресудата, бидејќи поради пандемијата не можеа да присуствуваат на судењето.

„Мојот очув штотуку се пензионираше и тие одеа на големо прекуморско патување. Не патуваа многу. Значи, тоа беше голема работа. Никогаш порано не биле во Европа“, вели ќерка на жртва.

Авионот беше соборен од ракетата Бук, кога се разгоре конфликтот во источна Украина. Загинаа 298 луѓе.

„Им се суди во отсуство, така што нема да го немаме тој елемент на правда. Никој нема да ја види внатрешноста на затворот или ништо. Ќе бидам задоволен со фактот што тие се именувани, дека луѓето знаат што направиле и за што се одговорни“, рече роднина на жртва.

Четворката никогаш не беше приведена, па и покрај пресудата не се очекува ниту еден ден да помине во затвор. Во меѓувреме, конфликтот премина во агресија од Русија врз Украина, а регионот каде што се случи инцидентот беше анектиран.

Марина Ристова