Без проблеми започна гласањето во тетовскиот регион
Во шесте општини од тетовскиот регион гласањето започна е тече без проблеми. Во гласачките места што ги посети нашата екипа се задоволни од излезноста и покрај обилните врнежи. Еве ја сликата од Тетово...

Седум часот и петнаесет минути. Ниту дождот не ги спречи 73 годишниот Гојко Ефтоски со сопругата Бранка и на овие избори во исто време да појдат на гласање. Своето избирачко право го искористиле на сите досегашни изборни циклуси. И овој пат имаат свои очекувања.
„Изборите ги сваќам како празник на државата и на нацијата“, вели Гојко Ефтоски.
„Нека им е со среќа на тие што ќе победат, на оние што мисли народот“, рече Бранка Ефтоска.
Од тетовската општинска изборна комисија велат дека гласањето започнало навреме и без проблеми. Вчера гласачкиот материјал бил уредно доставен.
„Мислам дека исто ќе биде и на денешниов ден, како што беше пред две недели“, изјави Бајрам Руфати – Претседател на ОИК - Тетово
Во шесте општини од тетовскиот регион за претседателските избори има вкупно 170.485 гласачи, а за парламентарните 168.510. Тие своето избирачко право можат да го остварат на 265 избирачки места.
Зоран Јованоски
