Маричиќ: Реформите мора да продолжат, секоја институција да биде на ниво на задачата
Реформите мора да продолжат и секоја институција треба да биде на ниво на задачата, особено Законодавниот дом, бидејќи евроинтеграцијата е државен и тимски процес, порака од вицепремиерот за евроинтеграции Маричиќ. Смета дека колку побрзо ги надминеме слабостите, толку побрзо ќе станеме дел од ЕУ, а Владата е максимално посветена на таа агенда...

Блокадата за евроинтегративниот пат овој пат е во наши раце. Не смее да дозволиме ние да бидеме пречката за процесот – вели вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Маричиќ. Според него во овој период товарот е на Владата, но истовремено и на Законодавниот дом. Тој најави серија на лидерски средби на кои ќе се отворат овие темите, со цел да се дојде до пакет која ќе биде поддржан од 80 пратеници. Од наша страна е подадена раката, сега опозицијата е на потег, вели главниот преговарач.
„Јас упатив јавна покана до Националниот совет за интеграции да ги интензивираме комуникациите и да направиме заеднички план како да се туркаат европските реформи. Собранието освен што ќе ги носи законите ќе има можност и да ги следи преговарачките позиции, да дискутира и да влијае на нив. Тоа креира атмосфера и за уставните измени, секако нема да брзаме, ние имавме лидерска средба ќе има серија на средби, која носи атмосфера каде нема да дозволиме ние да бидеме пречка за нашиот евроинтегративен пат. По прв пат во историјата блокадата е во наши раце“, рече Маричиќ.
Според Маричиќ посетите на високите европски претставници во земјава не се со цел да се врши притисок на опозицијата, но порачува дека Македонија треба да го искористи вниманието од ЕУ и фокусот на проширувањето.
Во однос на скрининг процесот истакна дека е задоволен од динамиката, како и дека ниту нашата држава ниту Унијата не сакаат да го билатеризираат процесот. Појасни дека обврските од договорите со Бугарија и Грција не се дел од скринингот.
Марина Стојанова Тонева
