Сточарите кои останаа без свињи заради Африканската чума сè уште не се обесштетени
Поминаа повеќе од три месеци откако Африканската чума кај свињите пламна во источниот регион. Мерките за спречување на ширењето на болеста резултираа со над три илјади уништени свињи, за кои сточарите сè уште чекаат обесштетување…

Африканската чума ги испразни малите свињарски фарми во источниот регион, обесштетување за уништените грла сè уште нема, а на сила е и забраната за повторно одгледување. Најпогодени се сточарите кои свињи одгледуваат за сопствени потреби. Блажо Митревски од село Видовиште вели дека на малите сточари и нивните семејства парите за уништената стока им требаат веднаш, за да можат да се прехранат зимава.
Погодени се и поголемите фармери. Немањето ниту стока ниту пари се одразува врз нивните други земјоделски дејности.
Од појавата на Африканската чума, во делчевско Драмче до сега, уништени се над 3500 свињи, во најголем дел на истокот. До сега обесштетени се само сточарите од делчевско каде болеста се појави најпрво, на почетокот на годината. Пари од Агенцијата за храна и ветеринарство чекаат сточарите од Македонска Каменица, Виница, Чешиново-Облешево, Карбинци, Штип и Куманово.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека во тек е административна и теренска проверка на поднесените барања за обесштетување, а исплатата ќе почне по спроведувањето на сите проверки.
Славица Величковска
