Продолжува извозот на украинско жито, продолжуваат и борбите
Постигнат е договор за продолжување на извозот на украинско жито преку црноморската траса за уште 120 дена. Обединетите нации и Турција остануваат гаранти на иницијативата.

Зрак надеж дека ќе се избегне глобална прехранбена криза. Постигнат е договор за продолжување на извозот на украинско жито преку црноморската траса за уште 120 дена. Обединетите нации и Турција остануваат гаранти на иницијативата.
„Бев трогнат кога дознав дека во Истанбул, Турција, Украина, Русија и ОН постигнаа договор за продолжување на Црноморската иницијатива за жито, овозможувајќи бесплатен извоз на украински житарки“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
„Имаше заедничка изјава на САД, Велика Британија и ЕУ, која се однесува на повлекувањето на руските извозници на храна и ѓубрива од режимот на санкции. Ова е важен позитивен развој“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Но, борбите продолжуваат. Црноморскиот град Одеса и Дњепар нови цели на руските гранатирања. Според информациите на украинските медиуми, ракетиран е и Крим, погоден е руски аеродром. Сирените за воздушен напад се огласија и во Запорожје и Херсон, кои се под контрола на Киев. Хуманитарната ситуација е тешка во неколку региони. Луѓето сè уште живеат без вода, струја и затоплување.
„Кога имате милиони раселени или бегалци, проблем е инфраструктурата, затворените супермаркети, уништените патишта, разурнатите мостови. Ние сме организација за итни случаи. Се обидуваме да ги покриеме тие празнини“, изјави Хозе Андрес-готвач во Херсон и основач на Светска кујна.
Истрагата за инцидентот во Полска, каде паднаа две ракети и усмртија две лица продолжува. Американскиот претседател Бајден и претставници на НАТО објавија дека проектилите биле украински, истрелани за пресретнување на руските. Зеленски побара докази, но Полска одби да и дозволи на Украина да учествува во истрагата.
„Ние се стремиме да ги утврдиме сите детали, секој факт. Затоа треба нашите специјалисти да се приклучат на работата на меѓународната истрага и да добиеме пристап до сите податоци од местото на експлозијата достапни за нашите партнери“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
Од Обединетите нации велат дека на конфликтот во Украина не му се гледа крајот, постои шанса војната да се претвори во катастрофа.
„На војната не и се гледа крајот. Сè додека продолжува, ризиците од потенцијално катастрофално прелевање остануваат премногу реални. Инцидентот во Полска во близина на украинската граница беше застрашувачки потсетник за апсолутната потреба да се спречи каква било понатамошна ескалација“, вели Розмари А. Ди Карло, заменик-генерален секретар за политички и мировни работи.
Од 24 февруари, кога започна воената операција на Русија во Украина, до 15 ноември, во европските земји пристигнале речиси осум милиони украински бегалци, соопшти УНХЦР.
Маријана Димовска
