Гласањето во Струмица без никакви проблеми

27.04.2014 09:51

Утринава гласањето тече мирно и без никакви проблеми. И гласачите очекуваат сѐ да помине во најдобар ред...

Во Струмица точно во 7 часот се отворени сите 83 избирачки места, потврдија од општинската изборна комисија. Денеска според официјалните бројки на веб страната на Државната изборна комисија, 47.981 граѓанин на Струмица ќе гласаат за новиот парламентарен состав, а 46.723 за новиот претседател на република Македонија во вториот круг од претседателските избори. Утринава гласањето тече мирно и без никакви проблеми. И гласачите очекуваат сѐ да помине во најдобар ред.

„Да биде се убаво, мирно да се заврши...Мирно нека биде, кој за кого сака нека гласа“, велат струмичани.

Претседателите на избирачките одбори заедно со членовите од 7 часот ги примаат првите гласачи.

„Гласачкото место беше отворено навреме, гласачко место 1734, се беше во ред“, вели Андријана Ковачева- претседател на Избирачки одбор.

„Гласањето тече без никакви проблеми“, вели Милка Мелева,  претседател на Избирачки одбор.

Во Струмичкиот регион се гласа и во трите општини, Василево, Босилево и Ново Село, каде што право на глас имаат 32.251 за парламентарните избори, а 30.728 за претседателските избори.

 

Катерина Давчева