Тројца осудени на доживотен затвор за уривањето на малезискиот авион над источна Украина
Двајца Руси и еден Украинец осудени на доживотни казни затвор. Еден е ослободен. Холандскиот суд ја изрече пресудата за обвинетите за соборување на малезискиот патнички авиони на истокот на Украина во 2014-та. Утврдено е дека проектилот „БУК“, со којшто беше погодено леталото, бил руски и оти Москва во тоа време имала контрола над сепаратистите. На веќе осудените им се судеше во отсуство, па не е за верување дека ќе завршат во затвор. Во трагедијата загинаа речиси 300 луѓе...

Доживотна казна затвор за двајца Руси и еден Украинец, обвинети за уривање на малезискиот авион во 2014-та година во источна Украина. Еден од обвинетите доби ослободителна пресуда. Четворицата не присуствуваа на судењето во Хаг и малку е веројатно дека некогаш ќе завршат зад решетки. Од Москва велат, ќе ја преиспитаат одлуката на холандскиот суд.
„Судот ги смета докажаните обвинија за тешки дела, а последиците од нив се огромни. Смета дека само највисоката можна казна е соодветна за она што обвинетите го сториле, предизвикувајќи голема тага кај роднините на многуте жртви“, рече претседавачкиот судија Хенрих Стинхис.
Од Москва велат, ќе ја преиспитаат одлуката на холандскиот суд.
„Во моментов, можам да кажам дека ќе ја преиспитаме оваа одлука, бидејќи секоја нијанса е важна за овие прашања. Откако ќе го проучиме овој правен документ, ќе бидеме подготвени да го коментираме“, изјави Иван Нечаев, заменик портпарол на Министерство за надворешни на Руската Федерација.
Патничкиот авион на Малезија Ерлајнс, на летот од Амстердам кон Куала Лумпур, беше соборен со руски проектил од типот „БУК“ на небото над источна Украина. Ракетата била истрелана од област која во тој момент била контролирана од руските сепаратисти.
„Овие лица се обвинети дека соработувале здружено и свесно, а исто така и дека се на одредена лидерска позиција, што ги направи одговорни за лансирањето на ракетата „БУК“, која го собори авионот“, изјави Марике де Хорн – специјалист за меѓународно кривично право, во универзитет во Амстердам.
Семејствата и пријателите на жртвите од авионот, ја слушнаа пресуда на холандскиот суд. Дел од нив се разочарани, бидејќи четворката осомничени никогаш не беше приведена, па и покрај пресудата не се очекува ниту еден ден да поминат во затвор.
„Сосема е јасно дека Русија беше вмешана уште од почетокот на овој конфликт во 2014-та година и доказите во судењето покажаа дека ракетниот фрлач дошол од Русија, па јасно е дека голем дел од вината треба да се стави кај рускиот претседател Владимир Путин и рускиот режим“, вели Пол Гард, син на жртва.
„Го немаме тој елемент на правда. Никој нема да ја види внатрешноста на затворот или ништо. Ќе бидам задоволна со фактот што тие се именувани, дека луѓето знаат што направиле и за што се одговорни“, роднина на жртва.
Во авионската трагедијата загинаа речиси 300 луѓе. Москва од почетокот негираше вмешаност, а во меѓувреме, конфликтот премина во агресија од Русија врз Украина.
Маја Стојанова
