Гутереш: Светот гори и тоне пред нашите очи
Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска предупреди дека преговарачите на климатскиот Самит КОП27 во Египет мора да ја надминат „урнатата доверба“ помеѓу богатите и сиромашните земји за да постигнат договор со кој би се спасил светот од најлошото глобално затоплување...

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска предупреди дека преговарачите на климатскиот Самит КОП27 во Египет мора да ја надминат „урнатата доверба“ помеѓу богатите и сиромашните земји за да постигнат договор со кој би се спасил светот од најлошото глобално затоплување.
„Се наоѓаме во клучниот момент од преговорите. Светот набљудува и има едноставна порака:-позиционирајте се и испорачајте“ истакна Гутереш.
Тој додаде дека глобалните емисии се на највисоко ниво во историјата и оти и понатаму се во пораст.
„Никој не може да го негира обемот на загубите и штетите што ги гледаме ширум светот. Светот гори и тоне пред нашите очи“, нагласи тој.
Едно од прашањата за кое има несогласувања на Самитот КОП27 е дали треба да се формира фонд за компензација на сиромашните држави од климатските промени. Богатите држави, меѓу кои и САД се против формирање на таков фонд.
Гутереш упати апел до развиените земји да го исполнат ветувањето со кое ќе се обезбедат 100 милијарди долари годишно за помош на сиромашните држави, да се приспособат на климатските промени и да преминат на чиста енергија.
Тој, исто така, ги повика земјите да направат повеќе за намалување на штетните емисии со цел да се постигне меѓународната цел поставена на минатите климатски самити – да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, вклучително и да се ограничи употребата на фосилни горива
