Сторија

Аутизмот не е пречка Филип да биде уметник

18.11.2022 08:30

Кога пред неколку години, сосема случајно му биле понудени платно за сликање и акрилни бои, момчето покажало голем интерес. Желбата за сликање постепено растела, за денес тој да биде автор на прекрасни дела сработени со многу љубов и желба...

Иако нa него гледаат како на поинаков од другите, деветгодишниот Филип светот го гледа расцветан и шарен. Сместен во аутистичниот спектар, за него спектарот на боите е позитивен предизвик затоа што со четките од обично, безлично платно, создава уметност достојна за почит. Неговата мајка, Ана-Марија Циглењак Симоновска вели - нештата од секојдневниот живот на кои ние не обрнуваме внимание, можат да бидат вистинска инспирација за Филип. Во моменти на внатрешен бурен поттик, кога целосно е внесен во сликањето нејзиното чедо блеснува во целосен сјај. Кога пред неколку години, сосема случајно му биле понудени платно за сликање и акрилни бои, момчето покажало голем интерес. Желбата за сликање постепено растела, за денес тој да биде автор на прекрасни дела сработени со многу љубов и желба.

Кристина Божурска, уметница и едукаторка смета дека малиот сликар треба да има професор кој ќе му помогне да го развие уметничкиот талент и да расте како сликар.

„Делата на младиот Филип се вистинска искра радост. Најпрво одушевуваат со живиот колорит, а потоа ве втурнуваат во композициите од светли бои и впечатливи елементи инспирирани од природата и неговото опкружување. Филип е исклучителен сликар за неговата возраст. Се надевам ќе продолжи да ја развива креативноста и да создава дела преку кои ќе ни пренесува дел од неговиот разигран свет, стремежи и интереси, вели Божурска.

Ана- Марија вели, инспирацијата и желбата за сликање кај Филип, за жал, не се константни. Може да помине извесен период без ниту едно ново дело, но може и да се случи за краток период, во наплив на инспирација, да се создадат многу нови слики.

„Тој особено сака да ги комбинира боите, најчесто користејќи сликарски шпатули или сунѓер за нивно нанесување на платното. Најчесто слика мотиви од природата.  Јас како мајка најчесто сум до него кога слика, да му помогнам да го задржи фокусот на тоа што го прави, по потреба делувајќи со сугестија или насочување во сликањето.   Она што е најважно од се е дека ние како родители ќе го поттикнуваме во сликањето сè додека тој се чувствува среќен и исполнет правејќи го тоа“, вели неговата мајка.

За жал, нивната заложба да добие професионална поддршка во сликањето до сега е неуспешна. Во неколку наврати, молбите за подучување се одбиени од индивидуалци или школи за сликање. Веруваат дека со индивидуален пристап во подучувањето тој би можел многу да напредува.

Кога реалноста ќе се прифати, мора да се оди напред. Сознанието дека детето има состојба што трае цел живот те исфрла од колосек, вели Ана-Марија која се потсетува како семејството ги забележало отстапките во развојот на Филип и како ја примиле веста дека станува збор за аутизам.

„На неполни две години го изгубивме неговиот поглед, фокусот на нештата во неговата околина отсуствуваше, играчките ја изгубија својата функција, игра скоро и да немаше. Почетните обиди да проговори се претворија во тишина и молк која ни ги рануваше срцата. Тој престана да се врти кога го довикувавме по име, не следеше насоки. Едноставно се затвори во негов свет. Соба без врата и прозорци. Иако веќе се сомневавме дека станува збор за аутизам, сепак кога официјално ја поставија дијагнозата, ние како родители се чувствувавме како некој да ни поставил огромна тежина на душата. И тогаш започна оној „новиот“ живот, со нови предизвици, со ново секојдневие, со нови „правила на игра“, живот на подеми и падови, живот кој не научи дека малите нешта можат да ни донесат најголема среќа“, се присетува Ана-Марија.

Прифаќањето на фактот дека детето отстапува од очекуваниот развој и соочувањето со дијагнозата аутизам е една од најтешките работи со кои се соочуваат родителите. Психолошкиот удар што родителот го доживува во тие моменти, често се манифестира со неверување, прашања од типот зошто токму на мене ми се случува ова, каде згрешивме, што сега.

„Многу е тешко да се соочите со стравот и неизвесноста од иднината, да го гледате вашето дете и да се прашувате дали некогаш ќе ви рече „мамо“, дали ќе помине барем една ноќ во мирен сон без да бидете будни со часови и истите да ги поминувате во плач или бесцелно лутање низ собите во домот, дали ќе можете некогаш да се соочите со надворешниот свет кој полн со звуци, мириси и други сензорни предизвици знае да предизвика страв и паника кај детето? Дали и како ќе успеете да се соочите со погледите од околината, кои за жал, знаат да бидат многу осудувачки и полни со критика насочени кон тоа „мало невоспитано дете“ и мајката која се бори со тантрумите на детето во маркетот, автобусот или амбулантата“, вели Ана-Марија.

Таа уште се сеќава како да било вчера кога одлучила да ја напушти работата и да остане дома со Филип. Нивното семејство се соочило со финансиска криза кои и ден денес имаат импликации врз нивниот живот.

„Вложувајќи максимум од себе да се обидувам да отворам мало прозорче во неговиот затворен свет и да допрам до него, до неговите мисли, до неговото срце. Не жалам за ништо, за ниту една моја жртва како родител. Денес, гледајќи кон минатото сфаќам дека не отворивме само мал прозор во неговиот свет, туку ги срушивме и ѕидовите дозволувајќи му на сонцето силно да ја огрее неговата искрена, емотивна личност. Во таа борба исклучително голема поддршка добивме од Здружението „Во мојот свет“ овозможувајќи му на моето дете високо квалитетни стручни третмани, прихолошка и друг вид на поддршка не само на детето туку и на нас како родители. Денес Филип е редовен ученик во основното училиште „Ристо Крле“ во Кадино, во четврто одделение, каде покрај наставничката поддршка добива и од образовниот асистент“- раскажува мајката на Филип.

Филип е исклучително чувствително и искрено дете, зрачи со позитивно расположение и желба да се дружи. Согласно неговите можности, често проблем претставуваат неговите сензорни нарушувања. Тој се обидува да биде дел од случувањата и да се дружи со соучениците.

Она што е далечно и неоткриено како вселената од сликата на Филип создава и страв. Ана-Марија е сериозно загрижена дали и како ќе биде општествено прифатен, бидејќи тој своето однесување го базира на малку поинаква социјална интеракција од онаа што е општоприфатена и на којашто ние како личности сме навикнати.

„Развивањето на социјалната инклузија е фокусот на нашите надежи со желба Филип да биде прифатен во целост од околината таков каков што е-различен но уникатен! Долгорочно, наша цел како родители е тој да биде самостоен во извршувањето на секојдневните задачи и да може да се пронајде во светот што го опкружува без да има потреба да ја менува својата личност, токму таква каква што е уникатна и посебна“ - истакна Ана-Марија.

Таа се надева дека ако упорно работат на тоа, барем за момент, барем малку ќе и биде полесно да се соочи со најголемиот страв: Што ќе биде со Филип по нејзината смрт?“

 

Наташа Јанчиќ- Менковски