Воен конфликт

Неизвесно американското финансирање на Украина

18.11.2022 11:58

Неизвесно американското финансирање на украинската страна во конфликтот со Русија. „Наша работа е да ги користиме даночните пари на Американците за нашата земја, безбедноста на нашите граници“, нагласи Тејлор Грин, лидерката на блокот којашто се бори против политиката на актуелната администрација на Белата куќа. Како мнозинство во Долниот дом на Конгресот, од јануари треба да ја преземаат власта во Претставничкиот дом …

Фракција од Републиканците во Претставничкиот дом на САД се обидува да го запре финансирањето на Украина во војната со Русија. Убедени се дека парите и оружјето коишто ги добива Киев не само што се непотребни, туку и ја вовлекуваат Америка во судир со Москва. Републиканската група бара да биде назначен генерален инспектор за да ја истражи конкретната сума која е потрошена досега, нагласувајќи дека Американците во никој случај нема да продолжат да го поддржуваат украинскиот претседател Зеленски без да поставуваат прашања.

„Конгресот распредели 54 милијарди долари за украинскиот конфликт, а неделава нашиот претседател Бајден побара уште 38 милијарди. Американскиот народ, даночните обврзници на земјава, заслужуваат да знаат каде им одат парите и како се трошат. Низ ходниците на Конгресот се шетаат ранети украински војници, повредени во војната во која Америка не треба да учествува. Нив ги користат како пиони за да нè натераат нас да ја финансираме украинската граница, а не на нашата. Тоа е голема грешка. 56 илјади Американци годишно умираат од фентанил, а не гледаме дека ги носат низ ходниците низ Конгресот“, изјави Марџори Тејлор Грин, републикански конгресмен.

„Избројани се деновите на бесконечно финансирање и воено опремување на Украина. Нема да гласам ни за уште еден долар за Украина, ни за уште едно парче опрема. Премногу сме вовлечени во конфликтот. Верувам дека ние само го продолживме“, вели Мет Гец, републикански конгресмен.

Републиканците уште од мандатот на поранешниот претседател Трамп се обидуваа да ги намалат активностите во странство. Нивната агенда опфаќаше повлекување на трупите од Сирија и Сомалија, а изразуваа и скептицизам во однос на меѓународните институции како ЕУ. Трамп за време на мандатот се закануваше дека ќе ги повлече САД од НАТО.

Маја С. Филдишев