„Текнопанел“ ќе инвестира 20 милиони евра и ќе отвори 120 нови работни места
Ова е прв капацитет на компанијата надвор од Турција и според инвестицискиот план, се очекува вкупниот извоз за десет години да надмине 170 милиони евра.
Нова странска инвестиција во земјава. Потпишан е договорот со турската компанија „Текнопанел“. Инвестицијата е вредна 20 милиони евра, а треба да отвори 120 работни места. Турската високотехнолошка компанија ќе гради во ТИРЗ Скопје 1.
Договорот за инвестицијата го потпишаа премиерот Димитар Ковачевски, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски и Орхан Кахвеџи, сопственик и член на Управниот одбор на „Текнопанел“.
Како што беше речено, во новиот капацитет со површина од 54.000 метри квадратни, ќе се произведуваат најсовремени сендвич панели.
Ова е прв капацитет на компанијата надвор од Турција и според инвестицискиот план, се очекува вкупниот извоз за десет години да надмине 170 милиони евра.
Производството во новиот капацитет на „Текнопанел“ ќе почне идната година, а просечната нето плата ќе биде 600 евра.
Од ТИРЗ дека „Текнопанел“ нема да застане на овие 20 милиони евра и дека во наредните месеци ќе почнат разговори за проширување на инвестицијата.
Компанијата е еден од најголемите извозници во Турција и на листата од 500 водечки индустриски компании во земјата.
