Трибина во Битола

Алармантна статистика, врсничкото насилство зема замав

18.11.2022 13:01

Во пресрет на утрешниот светски ден на одбележувањето на борбата против врсничкото насилство кај децата, во Битола се одржа стручна трибина на која беше посочено кои се причините и последиците од ненавременото справување со врсничкото насилство врз децата, кое на глобално ниво зема замав и преку современите алатки излегува и надвор од училиштата…

Алармантни се статистиките за замавот што го зема врсничкото насилство врз децата. Податоците говорат дека околу 150 милиони деца во светски рамки се вакви жртви. Минатогодишните истражувања покажуваат дека и кај нас близу 42 проценти од децата се евидентираат дека подлежат на „булингот“. Она што дополнително загрижува е тоа што во поново време тоа физичко и психичко малтретирање излегува надвор од училишните клупи.

Искуствата велат дека најчести жртви се децата со попреченост, таргетирани се и определени етникуми и маргинализирани групи.

Психолозите велат дека оваа експанзија на светско ниво се должи на повеќе фактори. Сепак, на прво место го става недоволното посветување на воспитниот момент кај родителите.

Во таа насока експертите на трибината многу повеќе внимание посветија на последиците од „булингот“ и за механизмите преку кои децата можат да се справат со оваа општествено-негативна појава, која често носи и трагични последици.

Стевче Митревски