Трајан Цветковски од Шведска дојде да гласа во Битола

27.04.2014 11:41

Битолчани и во овој изборен дена влегоа со познатиот космополитски и демократски дух...

75 годишниот Трајан Цветковски иселеник вo Шведска е еден од повозрасните гласачи што го затекнавме на избирачкото место 12. Ниту годините ниту далечината не биле пречка по 55 години конечно да ја исполни желбата да гласа во родната Битола.

„Очекувам овие избори да донесат дополнителен просперитет за Македонија. Пред две недели гласав таму гласав, за вторите овде решив да дојдам“, рече нашиот иселеник Трајан Цветковски.

Претпладнево раздвиженост се чувствува и на другите избирачки места. Битолчани и во овој изборен дена влегоа со познатиот космополитски и демократски дух.

„Досега не сум пропуштил ниту еден изборен циклус во самостојна Македонија и денеска очекувам да докажеме дека имаме демократски капацитет исе да заврши во најдобар ред“, рече Николче Терзиевски.

Во Битола се гласа на 170 избирачки места. Во единствениот избирачки список за избор на претседател со право на глас запишани се 82.588 избирачи, а за предвремените парламентарни 82.211 избирачи. Во трка за пратеници се 12 партии или коалиции.

 

Стевче Митревски