Дали е нарушена тајноста на седницата на Комисијата за надзор над безбедносните служби?
Џафери рече дека е запознат со настанот и дека веднаш дал налог тоа да се испитува, но смета дека не треба вакво обелоденување во јавноста, сè додека од Собранието не се излезе со точна информација што всушност се случило...

Пратеникот Павле Трајанов на собраниската седница побара да се испитаат информациите дека била нарушена тајноста на седницата на Комисијата за надзор на безбедносните служби. Побара од спикерот Џафери да се испита дали преку собраниската платформата за емитување во живо се слушал тон од затворената седница за јавност.
Џафери рече дека е запознат со настанот и дека веднаш дал налог тоа да се испитува, но смета дека не треба вакво обелоденување во јавноста, сè додека од Собранието не се излезе со точна информација што всушност се случило.
И координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски побара да се испита и да се каже што конкретно се случило, бидејќи како што додаде, ако е точно дека протекле некакви информации, тоа е проблем и за државата. Треба целосна истрага, но и одговорност.
Претседателот на Собранието изјави дека надлежните служби се известени и тие го испитуваат случајот.
Милчо Велески
