Димовски: Не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка, следува одговорност
Безбедносната проверка пред издавање позитивно мислење за издавање на пасош на некое лице, Димовски појасни дека се прави на неколку нивоа и дека се потребни потписи од десет припадници на Агенцијата за национална безбедност. Тој нагласи дека истрагата ќе продолжи, со цел да се утврди дали станува збор за изолиран случај или не...

Интерната постапка за евентуален пропуст за случајот „Онишенко“ констатира дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста, информира денеска директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски.
Димовски, посочи дека чекањето за реферирање за случајот, било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност.
Безбедносната проверка пред издавање позитивно мислење за издавање на пасош на некое лице, Димовски појасни дека се прави на неколку нивоа и дека се потребни потписи од десет припадници на Агенцијата за национална безбедност.
„Констатиравме дека последното ниво кое требало да направи консултација со НАТО партнерите, дало позитивно мислење, но тоа не го направило. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста“, изјави Димовски, по седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање.
Тој нагласи дека истрагата ќе продолжи, со цел да се утврди дали станува збор за изолиран случај или не.
Димовски не го откри името на лицето, но посочи дека во сите четири сектори работат лица со безбедносни сертификати.
