Македонија

МОН: Се доделуваат 3.000 стипендии за студентите

18.11.2022 17:34

За прв пат ќе се доделат 30 стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки. Новина се и 15-те стипендии за додипломски студии за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно (мајчин јазик) и преведување и толкување од албански на македонски јазик и обратно (немајчин јазик)...

На интернет страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk, објавен е конкурсот за доделување на студентски стипендии за академската 2022-2023 година. Предвидено е да бидат доделени вкупно 3.000 стипендии, а годинава се воведени и три нови категории, кои се резултат на информациите за недостиг на кадар во одредени области.

За прв пат ќе се доделат 30 стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки. Новина се и 15-те стипендии за додипломски студии за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно (мајчин јазик) и преведување и толкување од албански на македонски јазик и обратно (немајчин јазик). Исто така, 15 стипендии се предвидени за прв пат и за студентите запишани на додипломски студии по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.

Вкупно 1.470 стипендии се наменети за редовни студенти од социјалните категории. За студентите од научните подрачја на техничко-технолошките науки, биотехничките, општествените и хуманистичките науки се предвидени 770 стипендии, додека 85 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми по информатика.

За студентите запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности се предвидени 15 стипендии.

Предвидени се и 500 стипендии за студентите запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки и кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 8,00 просечен успех, соопштуваат од МОН.