Ковачевски очекува Автопатот Кичево - Охрид да биде завршен во договорениот рок
Премиерот Димитар Ковачевски при денешниот увид на градежните работи на тунелот од автопатот Охрид-Кичево рече дека работите треба да добијат на динамика и да се запази рокот на изградба. Како што е познато минатата година беше продолжен рокот до крајот на декември наредната година, а овој проект државата ќе ја чини петстотини деведесет и осум милиони евра...

Автопатот Охрид-Кичево е важен за нов економски и развоен импулс, не само на западниот дел на Македонија, туку и на целата држава. Тој има големо значење за Кичево, а уште повеќе на туристичките центри Охрид и Струга. Ова, меѓу другото, го рече премиерот Димитар Ковачевски при денешниот увид на градежните работи на тунелот од новата сообраќајна делница. Според неговите зборови, но и на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, изградбата на автопатот мора да добие на динамика и да биде завршен во договорениот рок, до крајот на 2023-та година.
„Даваме силен фокус на изградбата на оваа автопатска делница, автопатот мора да се изгради согласно договорот со изведувачот. Средствата ги имаме, нашите тимови ги следат потребите на изведувачот. Едноставно и единствено, она што останува е силна работа на терен, со цел комплетно завршување на овој автопат“, изјави министер за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Според зборовите на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, пробиени се двете цевки на најдолгиот тунел во земјава, кој воедно ќе биде најсовремен и според сите европски и светски стандарди.
„Десната страна е 1.994 метри должина, левата цевка каде што сме ние сега е 2.015 метри, што значи дека вкупната должина на овој тунел е 4.010 метри“, рече Ејуп Рустеми, директор на ЈПДП.
Во моментов е целосно завршена примарната и секундарната конструкција на тунелот, а се работи на тампонирање и асфалтирање, но и на поставување на електрична инсталација и хидрантска мрежа. После тоа следува изработката на вентилацискиот систем, противпожарната заштита, видеонадзорот, светлосната сигнализација и командниот центар.
Сашо Нелоски
