Велешка „Маслодајна“ се соочува со проблем поради намалениот сточен фонд во земјава
Поради намалениот сточен фонд во земјава, велешката фабрика за масло нема каде да го продаде ќоспето, нуспроизвод од обработката на сончогледот. Годинава е рекордна по откупен сончоглед од домашните полиња преку 10 илјади тони...

Зголемениот откуп на сончоглед и неговата преработка, создадоа проблем во работата на велешка „Маслодајна“. Тие не можат да најдат пласман за ќоспето-нуспроизвод од преработката на сончогледот. За него нема купувачи во земјава. Причина е што во Македонија многу е намален сточниот фонд и сточарите кои претходните години го откупувале, сега не се заинтересирани да ги купат како храна, оти немаат стока. Така беше и лани, така е и годинава.
За да се надмине проблемот лани ќоспето било пласирано во соседна Грција, по далеку пониска цена. Исто е и годинава, тоа засега во мал дел завршува кај јужниот сосед. Проблемот есенва е поголем, оти има рекорден откуп на сончоглед, најголем последните години. Откупени се најмалку 10 илјади тони. Лани за споредба беа откупени 4 илјади тони.
Ќоспето се добива од лушпата на сончогледот при негова индустриска преработка во маслодајната индустрија, богато е со белковини и служи за храна на стоката.
Петар Печков
