Европскиот елен нов украс на Галичица
Наскоро повеќе десетици елени од репродуктивниот центар за европски елен на Националниот парк „Галичица“ ќе бидат пуштени во природна средина. Тоа ќе придонесе за намалување на високите тревни површини на високопланинските пасишта на планината кои претставуваат опасност за појавување на пожари во летните месеци. Покрај тоа елените ќе претставуваат атракција за сите љубители на планините и посетителите на националниот парк по многу години, бидејќи одамна ги немаше во овие предели...

До крајот од годинава од Репродуктивниот центар за одгледување на европски елен во рамките на Националниот парк „Галичица“ во природни услови ќе бидат пуштени 70-тина единки. Од јавната установа велат дека во изминатите две години од почетното стадо кое броело 30 елени нивниот број сега е над сто и се надеваат дека тие ќе опстојат во суровиот свет на дивината, иако бројот на волците во последниот период бележи зголемување.
„Согласно синџирот на исхрана нормално предаторите ги следат пленовите и еволуцијата е таа што е. Значи затоа сите организми имаат развиено одбранбен механизам да преживеат во условите во коишто ќе бидат пуштени“, рече Константин Здравески, Национален парк „Галичица“.
Како проблем од националниот парк го посочуваат недостигот на вода на планината Галичица, поради што се спроведува проект за обезбедување на пумпни станици за да се полнат со вода 18-те регистрирани локви.
„Заради недостигот на вода има опасност од слегување на пуштените елени во дивина на пониска надморска височина дури до езерото, со што може да се доведе во прашање нивната егзистенција, односно преживување. А исто така можеме да направиме проблем и со непогода, односно сообраќајна незгода доколку го преминуваат патот“, рече Константин Здравески, Национален парк „Галичица“.
Целта на формирањето на репродуктивниот центар за елени не беше да се создаде ловиште,туку правилно управување со високопланинските пасишта. Заради намалениот обем на сточарство на тој простор има значително зголемување на биомасата што придонесува за појава на пожари.
Сашо Нелоски
