Куманово

Зачестени физички пресметки меѓу малолетници

19.11.2022 11:52

Во Куманово од почетокот на годината се регистрирани седум физички пресметки меѓу малолетници. Полицијата работи на расчистување на овие случаи. Експертите со совети во справувањето со овој проблем најзначајна улога треба да има семејството и образованието...

Седум физички пресметки меѓу малолетници од почетокот на годината се случиле на подрачјето на Куманово. Од кумановската полиција информираат дека ова е благо зголемување. Лани била евидентирана само една тепачка. Случаите се расчистуваат, а во постапката се вклучени и инспектори по малолетничка деликвенција и семејно насилство.

-СВР Куманово преку полициските службеници од Отсекот за превенција континуирано спроведува едукативни предавања со наставници, ученици и родители пред сè им се укажува за превенцијата од врсничкото насилство, потоа од насилството на социјалните мрежи и начините за рано препознавање и навремено спречување на овие форми на насилство, вели Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.

Стручните лица сметаат дека во справувањето со овој проблем најзначајна улога треба да имаат семејството и образованието.

-Ние како држава не водиме точна и прецизна статистика за какви облици на насилство и агресија има меѓу учениците би кажала дека родителите се тие први кои треба да забележат дали кај нивото дете има промена во однесување, дали има психичка агресија која не е толку видлива или пак се работи за видлива агресија како физичко насилство. Не можеме да ги изоставиме градинките, основните и средните училишта каде што се повеќе забележуваме драстичен пораст на различните видови на насилничко и врсничко насилство, нагласува Анита Стојчевска, специјален едукатор и рехабилитатор, магистер по малолетничка деликвенција,

Кумановската јавност бурно реагираше на последната физичка пресметка, кога група млади бркаше едно лице. Тепачка беше регистрирана и во средно училиште.

Елена Георгиевска