Донации за нови мерачи

19.11.2022 13:44

Зелен хуман град не отстапува од идејата да направи мрежа со нискобуџетни апарати за мерење на квалитетот на воздухот во Скопје. Собираат донации...

Градот го прифати, Министерството за животна средина се сложи само делумно со барањата од амандманот на Зелен хуман град за поставување на нови сензори кои ќе го мерат квалитетот на воздухот во Скопје. Нивната идеја беше да постават 100 ниско буџетни станици низ градот кои ќе алармираат каде е загадено и ќе дадат индикативни мерки, а потоа инспекторите со скапи, сертифицирани мерни станици ќе дојдат и ќе потврдат каде и кој е причинителот за загадување.

„Поради забрана од страна на Министерството за животна средина за тоа како треба да изгледаат тие сензори зад кои што градот треба да застане се намалија од 100 на сега само два, многу поскапи сензори и едноставно само два, што ќе направиме со два?! Ќе почнеме да градиме некја мрежа, се сложувам, но тоа ќе биде многу помалку. И затоа ние сега како активисти почнавме да собираме донации од фирми, од личности кои што се загрижени за нашето здравје и да поставиме наши сензори низ Скопје“, рече Горјан Јовановски, Зелен хуман град.

Во моментот квалитетот на воздухот во скопје се мери со десетина мерни станици, а во државата има вкупно 21. Проблем е тоа што серверите од каде што се читаат информациите честопати паѓаат и не се во функција.

„Мораме да знаеме каков е воздухот надвор. Ако не знаеме не можеме да носиме правилни одлуки за тоа како да се заштитиме самите себе прво и второ не може да измериме дали мерките кои што централната и локланата власт ги преземаат навистина се успешни. Без податоци немаме како да го направиме тоа“, рече Горјан Јовановски, Зелен хуман град.

Аерозагадувањето е децениски проблем во државата. Тој спаѓа во доменот на животна средина за која пак од друга страна државата постојано крати пари.

Така, според Центарот за правни истражувања и анализи, во 2020 година тој бил околу 10 ипол милиони евра додека во 2018 истиот изнесуват нешто помалку од 20 милиони евра. Центарот дополнува дека исто толку загрижувачки е и фактот што при ребалансите на буџетот, највеќе страда токму заштитата на животната средина.

Катерина Топалова