Поддршка на компаниите од прехранбената индустрија
Со пакет антикризни мерки Владата го помага бизнис секторот. Според премиерот Ковачевски се обезбедува многукратно поевтина електрична енергија за компаниите од прехранбената индустрија, со што се очекува намалување на цените на прехранбените производи за најмалку 10%...

Во услови на најголема светска економска и енергетска криза Владата обезбедува поддршка за компаниите особено за прехранбената индустрија. Со пакетот антикризни мерки се помага бизнис секторот и одржувањето на ликвидноста, истакна премиерот Ковачевски при денешната посета на две фабрики од прехранбената индустрија во охридско струшкиот регион.
Според премиерот Владата обезбедува многукратно поевтина електрична енергија за компаниите од прехранбената индустрија, со што се очекува намалување на цените на прехранбените производи за најмалку 10%.
„Субвенционираме 80% од цената на електричната енергија за граѓаните и малите компании кои вработуваат 90% од работниците во државата, што значи доколку не е таа субвенција сметките за електрична енергија би биле поголеми за пет пати од тоа што граѓаните го плаќаат“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Субвенционирањето на струјата го поздравија стопанствениците од прехранбената индустрија во охридско струшкиот регион.
„Сакам да искажам благодарност за одлуките, последната одлука којашто беше за субвенционирање на струјата што е сериозен проблем во делот на функционирањето на голем дел од производителите на прехранбените производи како и кај нас и кај сите останати во државата и ги охрабрувам и владата и министрите да носат вакви похрабри одлуки“, истакна Мехмед Џемаилоски сопственик на фабрика за прехранбени производи во Струга.
Ковачевски потенцираше дека граѓаните не треба да стравуваат, државата нема да остане без електрична енергија, воедно ги охрабри стопанствениците да инвестираат во фотоволтаични централи, бидејќи тоа е една од најисплатливите инвестиции.
Соња Рилковска
