Келн остана само сон
Македонскиот шампион ја пропушти шансата да ги испроба силите на завршниот турнир на најдобрите четири европски екипи во Келн...

Вардар-Фленсбург 27-25. Победа но не и за историја. Германците славеа со иста разлика дома, но постигнаа повеќе голови во гости и се вкупни победници. Вардар не успеа да испише и ракометна историја на овие простори.
Македонскиот шампион ја пропушти шансата да ги испроба силите на завршниот турнир на најдобрите четири европски екипи во Келн. Европскиот првак Хамбург потклекна, но во пеколот на Арената Борис Трајковски преживеа, моментно третата екипа во Бундес лигата, Фленсбург.
Драматичен двобој со инфаркт расплет, повторно ние тагуваме. И повторно гол на Данец, на Егер од седмерец на 11 секунди до крајот, ни пресудува. Само еден удар ја поништи фуриозната серија и игра во транс на Вардар, откако Германците 36 минути играа цврсто, рационално, со гранитна одбрана и убиствена контра.
Им се вклопија сите коцки во мозаикот од голманот Андерсон кој беше одличен до непрепознатливиот ритам на црвено-црните кои буквално се мачеа да се вратат во живот.
Откако го добија првиот дел со убедливи 15-10, Германците во првите 6 минути од продолжението зголемија и на максимални плус 6 и оттогаш тргна фантастичната серија која го збриша ривалот.
За 15 минути вистинската седморка на Раул Гонзалес предводена од Милиќ на голот ги имаше потребните три гола разлика (23-20). Од таа 51 минута почна драмата. Имавме и 4 позитива и шанса за пет, го имавме во полн сјај и Душебаев кој проработи навреме, но без исклучениот Чипурин во последните секунди не успеавме да ги сочуваме бројките на семафорот 27-24, кои го покажуваа патот за Келн.
Брумен беше извонреден со 7 гола и силни нерви од седум метри, Душебаев постигна 4, Дибиров остана на 3 од првите 30 минути. Кај гостите од Фленсбург, Егерт беше прв стрелец со 7 гола, пет од пенал, по четири пати погодија Гландорф и Кнудсен.
