Обвинетите да бидат прогласени за виновни, бара обвинителката за убиството на Денис Тот
Во скопскиот Кривичен суд завршни зборови за судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Обвинителката побара тројцата обвинети да бидат казнети со затвор. На минатото рочиште сведочеа обвинетите. Изјавија дека не се чувствуваат виновни за делото коешто им се става на товар. Нивниот бранител рече дека нема кривично дело убиство, побара ослободителна пресуда. Тот беше претепан до смрт пред дискотека во скопскиот Градски парк…

Обвинителката Тања Трајчевска во завршните зборови за случајот „Тот“ рече дека го докажала кривичното дело убиство, за кое се гонат Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска и Андреј Костовски.
Според неа, со снимките се утврдило времето, местото и начинот на убиството, а сведоците, докажале преку детали што точно се случило. На судот му предложи обвинетите да бидат прогласени за виновни и да добијат затворска казна.
Не постоела умисла за убиство кај Анџело, посочи неговиот адвокат, повикувајќи се на исказите на вештите лица. Побара ослободителна пресуда.
Правниот застапник на семејството Тот побара отштета од обвинетите по девет милиони денари.
Со обвинителниот акт, тројцата се товарат дека на 7-ми април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот хрватскиот ракометар Денис Тот.
Наташа Гркова-Петрушевска
