Македонија

Советот на јавни обвинители повторно не избра шеф на скопското Вишо јавно обвинителство

21.11.2022 12:53

Советот на јавни обвинители повторно не избра шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, немало кворум. За функцијата претендираат, актуелниот претседател Мустафа Хајрулахи и Бурим Рустеми од СЈО. Јолевски не чувствува одговорност по наводите на Американската амбасада за изборот на Ислам Абази за прв човек на одделот за гонење организиран криминал и корупција…

Првиот човек на Советот на јавни обвинители, Јолевски не чувствува одговорност за изборот на Абази за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и после острите критики од американската амбасадорка, која рече дека се збунети од изборот откако потрошиле милиони долари на обуки во правосудниот систем, во којшто нема место за политичко мешање и притисоци. Јолевски не сакаше да ги коментира изјавите на странските дипломати.

Наместо обвинители во вишите обвинителства, Советот избра вршители на должноста поради немање кворум. На седницата отсуствуваше републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовевски поради влошена здравствена состојба.

Вршители на должност ќе бидат шефовите на Вишо јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи и Вјолца Омази за шеф на Вишо јавно обвинителство Гостивар.

Поранешната шефица за гонење организиран криминал и корупција Русковска е вратена во скопското обвинителство, но е под суспензија.

Фиљана Кока