Се чекаат резултатите од истрагата за скандалот во Комисијата за надзор над безбедносните служби
Претседателот на Собранието, Џафери ги чека резултатите од истрагата на МВР за скандалот во Комисијата за надзор над безбедносните служби. Директорот на АНБ, Димовски утре на затворена владина седница ќе реферира како Онишченко добил македонски пасош. Во петокот рече дека бил направен пропуст од оперативец на трето ниво, бидејќи не било побарано мислење од странските служби, а сепак навел дека нема никакви пречки Онишченко да добие државјанство…

Како се случи од затворената седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање да протече во етер аудиото на собранискиот „Јутјуб“ канал, истражува полицијата. Спикерот Џафери сè уште ги чека резултатите.
Директорот на АНБ, Димовски на владина затворена седница ќе објасни како Украинецот Онишченко кој е на црната листа на САД доби македонско државјанство. Одговорност мора да има, вели премиерот Ковачевски.
Сепак, Ковачевски појаснува дека процедурата за нов директор е веќе од порано почната и се чека позитивно мислење од партнерите во безбедноста.
Во однос на украинскиот олигарх, директорот на АНБ посочи дека еден од оперативците во службата го ставил својот потпис дека нема пречки за Онишченко, иако не ги консултирал партнерските служби дали тој е проблематична личност за да добие македонско државјанство.
Миле Ристески
