Во Брисел средба Вучиќ-Курти, со посредство на ЕУ
Српскиот претседател Вучиќ во Брисел на итна средба со косовскиот премиер Курти. Вучиќ не е оптимист за решение. Косовската полиција од утре најави казни за возачите кои нема да ги заменат српските со косовски регистарски таблички...

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на итни средби во Брисел поради спорот околу регистарските таблички. Посредници во дијалогот се шефот на европската дипломатија Борел и специјалниот претставник на ЕУ, Лајчак. Агендата и овој пат опфати одвоени состаноци, па заедничка средба за надминување на актуелната криза, која, според ЕУ, е најсериозната по 2013-та година.
Дел од медиумите, повикувајќи се на бриселски извори, веќе прогнозираат фијаско и на оваа средба. „Србија доби понижувачко решение со кое се дерогира Бриселскиот договор“, известуваат српски медиуми.
Косовските власти најавија дека од утре ќе почне да ги казнува со глоба од по 150 евра сите возачи кои не ги смениле регистрациите издадени од Србија. Месецов, веќе се изречени 1.740 опомени. За Приштина, овие таблички се нелегални, но досега беа толерирани во четирите општини со српско мнозинство. Србите, пак, одбиваат да ги заменат со косовски акроними, бидејќи за нив, овие ознаки биле последната врска со централна Србија.
„Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Чекаме вести од Србија. Се надеваме дека ќе останеме на Косово и Метохија“.
„Состојбата не е идеална, а ние, Србите го разбираме тоа и толерираме до одредена точка. Но, она што го прави косовскиот премиер, не може да се толерира од страна на српскиот народ“.
Поради спорот, пред две недели припадниците на српската заедница, вклучувајќи и 500 полицајци, ги напуштија косовските институции. Оттогаш на улиците патролира ЕУЛЕКС.
Маја С. Филдишев
