Разговори за проширување на мнозинството
Коалицијата е отворена – премиерот Ковачевски тврди дека на Таравари сè уште не му дал конкретна понуда за распределба на ресори, но не исклучи можност за проширување на мнозинството. ВМРО-ДПМНЕ реагира, Алијанса до вчера ја критикуваше, а сега сака да влезе во Владата…

Проширување на владиното мнозинство доколку разговорите со Алијанса за Албанците продолжат во добра волја, најави премиерот Ковачевски. Вели, нашата владина коалиција е отворена за сите партии кои ја делат визијата за европска иднина на Македонија.
„Не сме разговарале конкретно за ресори и за преземање на одговорност за конкретни ресори. Но, секако дека разговорите ќе продолжат и ако се усогласиме комплетно за основните принципи за иднината на државата, а во тоа не се сомневам, може да се случи и проширување на владиното мнозинство“, вели премиерот Ковачевски.
Овој став на премиерот следи по изјавата на претседателот на коалицискиот партнер ДУИ, Али Ахмети дека иако не е разговарано во детали, влезот на Алијансата во Владата е тековен процес и дел од остварувањето на нивната мисија за поголемо единство меѓу Албанците.
ВМРО-ДПМНЕ не го оспорува правото на Алијанса за албанците за влез во Владата, но велат-како е политичкиот кредибилитет на партијата што до неодамна ја критикуваше извршната власт.
„Прашање на политички легитимитет е за тој политички субјект, во случајов Алијанса за Албанците, коишто до вчера ја критикуваат владата за криминал и корупција, а сега сакаат да влезат во неа“, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Алијансата на Албанците веќе се подготвува да влезе во Владата. Минатата недела в.д. претседателот Таравари не ја отфрли можноста партијата да биде новиот партнер во Владата, иако, како што рече, сè уште немале добиено конкретна понуда.
Марина Стојанова Тонева
