Брисел

Нема договор во Брисел меѓу Вучиќ и Курти

21.11.2022 17:13

Српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти на средби во Брисел за надминување на тензиите. Дијалогот e со посредство на шефот на европската дипломатија Борел и специјалниот претставник Лајчак. Во фокусот – тензиите поради спорот со регистарските таблички и напуштањето на Србите на косовските институции. Нема договор...

Нема договор во Брисел меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти околу спорот со регистарските таблички. Посредници во дијалогот се шефот на европската дипломатија Борел и специјалниот претставник на ЕУ Лајчак. Борел рече дека Вучиќ ги прифатил предлозите, а Курти не. Посочи дека очекува Приштина веднаш да ги прекине следните фази на замена на регистарските таблички.

„Мислам дека има значајна одговорност за неуспехот на денешните разговори и за каква било ескалација и насилство што би можело да се случи на терен во наредните денови. Ќе ги информирам колегите во ЕУ и меѓународните партнери за однесувањето на страните во разговорите и непочитувањето на меѓународните правни обврски, што особено се однесува на Косово. Тоа е особено негативен политички сигнал“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

„Од за мене непознати причини, не успеавме да постигнеме апсолутно никаков договор. Српската страна беше целосно конструктивна. Прифаќавме десетпати менувани текстови, но албанската страна не сакаше да прифати ништо, постојано додаваа нешто што беше јасно дека не е возможно“, рече Александар Вучиќ претседател на Србија.

Косовските власти од утре ќе ги казнуваат со по 150 евра возачитe што кои не ги смениле регистрациите издадени од Србија. Месецов се изречени 1.740 опомени. За Приштина, овие таблички се нелегални, но досега беа толерирани во четирите општини со српско мнозинство. Србите, пак, одбиваат да ги заменат со косовски акроними, бидејќи за нив, овие ознаки биле последната врска со централна Србија.

Марина Ристова