Вкупната заштеда на струја на државните институции во октомври изнесува 24%
Сите институции во октомври имаат најмалку за 15 отсто намалена потрошувачка на електрична енергија што е согласно препораките и задолженијата кои ги донесе Владата.

Трендот на намалување на потрошувачката на струја од страна на државните институции продолжува и во октомври. Согласно податоците на Електродистрибуција за заштедата на електрична енергија произлегува дека административните згради на Претседателот на државата, Собранието, Владата, министерствата, АД ЕСМ, АД МЕПСО имаат остварено намалена потрошувачка на електрична енергија во просек од 29 отсто, што е повеќе споредено со вкупната заштеда од 20 отсто остварена во септември, информира министерот за економија Крешник Бектеши.
Сите институции во октомври имаат најмалку за 15 отсто намалена потрошувачка на електрична енергија што е согласно препораките и задолженијата кои ги донесе Владата. При тоа најмала заштеда има кај Министерството за здравство од 18 отсто, а најголема заштеда има зградата на Министерство за образование до 58 отсто. Заштедата на електрична енергија на Владата изнесува 32 отсто, кај Собранието заштедата во октомври е 22, кај Кабинетот на претседателот на државата 24, кај административната зграда на ЕСМ заштедата е 25, а кај МЕПСО 22 отсто, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Ако се земат во предвид податоците вклучително и на сите државни претпријатија, агенции и управи, нагласи, тогаш вкупната заштеда на електрична енергија изнесува 24 отсто.
