Косово ги одложи казните за возачите со српски регистарски ознаки за 48 часа
Косово го прифати барањето на САД. Го одложува изрекувањето казни за возачите на возила со српски регистарски ознаки 48 часа. Српскиот претседател Вучиќ, од Србите од Косово и Метохија побара да се обидат да го зачуваат мирот. Курти пак, го обвини европратеникот за надворешна политика и безбедност, Борел, дека се фокусирал исклучиво на регистарските таблички наместо на целосно нормализирање на врските меѓу соседите...

Косово го прифати барањето на САД. Го одложува изрекувањето казни за возачите на возила со српски регистарски ознаки за 48 часа. Сообраќајот на административниот премин Јариње се одвива непречено под надзор на припадниците на специјалната единица на косовската полиција. Српскиот претседател Вучиќ, од Србите од Косово и Метохија побара да се обидат да го зачуваат мирот, а за вчерашните разговори со Приштина вели дека од нејасни причини не успеале да постигнат никаков договор.
„Нема да го оставиме на цедило српскиот народ, ќе го зачуваме мирот, ќе ја зачуваме стабилноста, но српскиот народ мора да знае дека српската држава стои зад нив во согласност со меѓународното право на Обединетите нации“, порача српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија изјави дека вчера, во Брисел, се докажало дека косовскиот премиер не сака дијалог и за првпат јасно се слушнало од ЕУ дека тој е единствениот виновник за пропаѓањето на преговорите. Премиерот Курти пак, го обвини европратеникот за надворешна политика и безбедност, Борел, дека се фокусирал исклучиво на регистарските таблички наместо на целосно нормализирање на врските меѓу соседите. Ја повика Унијата да го задржи рокот до 23-ти март за решавање на проблемите меѓу двете земји.
„Не можеме да бидеме неодговорни со тоа што не ги третираме актуелните прашања. Но, не можеме да се претвориме во државни лидери кои се занимаваат само со случајот со регистарски таблички и да не разговараме за нормализација на односите. Се во таква ситуација и се надевам дека ЕУ ќе најде моќ да го поддржи сопствениот предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, изјави премиерот на Косово, Албин Курти.
САД претходно изразија разочарување што Белград и Приштина не успеаја да се договорат за решение за спорот. Од Стејт департментот бараат косовскиот премиер и српскиот претседател да направат отстапки за да не биде загрозен деценискиот мир во и онака кревкиот регион.
Маријана Димовска
