Македонија

Промовирана апликација за виртуелна прошетка низ археолошкиот локалитет Стоби

23.11.2022 11:22

Археолошкиот локалитет Стоби промовираше нова апликација, „имерсиум“, со која посетителите можат виртуелно да ги посетат градбите и објектите на Стоби. Иста таква апликација има и локалитетот Емона, кај Љубљана, и локалитетот крај Пожаревац. Сите се финансирани од ЕУ…

Археолошкиот локалитет Стоби ја промовира апликацијата „Имерсиум“ со која на посетителите им се нудат содржините преку гемифициран водич. Целта е да се привлече помладата популација. Со неа посетителот треба да го спаси животот на императорот Теодосиј, единствениот владетел на Рим, кој во 388 година го посетил Стоби.

На апликацијата се работело две години и е заеднички проект на шест институции од пет држави од Балканот. Таа е бесплатна и корисна е само при посетата на локалитетот. Финансирана е од средства на проект на ЕУ.

Ваква апликација како дел од проектот е изработена и за локалитетот Емона кај Љубљана и за Виминациум кај Пожаревац. Локалитетот Стоби има претходно изработено уште една апликација, виртуелна реалност за борба на гладијатори.

Петар Печков