Инвестиции

„Киел“ ќе гради нов производствен капацитет во ТИРЗ Тетово

23.11.2022 13:04

Се работи за инвестиција од 9,2 милиони евра, каде ќе се вработат дополнителни 150 лица, со планиран извоз за наредната деценија од 160 милиони евра.

Од утре стартуваат градежните активности за изградба на нов производствен капацитет на германската фабрика „Киел“, која ќе произведува седишта за возила. Компанијата пред пет години започна со производство наменето за фабриката „Ван Хол“ во Скопје, но сега се проширува во рамки на ТИРЗ Тетово.

Се работи за инвестиција од 9,2 милиони евра, каде ќе се вработат дополнителни 150 лица, со планиран извоз за наредната деценија од 160 милиони евра.

„Горди сме што ја имаме оваа дополнителна инвестиција во Северна Македонија бидејќи истата не претставува само зголемување на постојното производството, туку воедно и проширување на опсегот на нашето работење и во областа на заварување, бојадисување и изработка на сунѓери. Со ова ќе се покрие целокупниот опсег на активности за производство на седишта за возови во нашата фабрика и слободно може да се нарече комплетното седиште made in Macedonia“, изјави Кристијан Штранд, генерален менаџер на „Киел Македонија“.

Промоцијата се одржа во кругот на прозводствениот погон на „Киел“ во Желино. Таа е прва постоечка компанија која добива можност да работи и да го прошири своето производство во рамки на зоните, но со одредени критериуми и обврски.

Со последната инвестиција на „Киел“, Германија има водечка улога како најголем инвеститор во рамки на индустриските зони.

Зоран Димовски