Додека Џафери чека извештај, ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за случајот „Онишченко“
Спасовски и Димовски треба да понесат одговорност за давањето македонско државјанство за Онишченко, бараат од ВМРО-ДПМНЕ. Потпретседателот Николоски се сомнева дека случајот со аудио-снимките од надзорната комисија е намерно исцениран од власта. Спикерот Џафери вели дека расправата во надзорната комисија нема да се одржи сè додека не го добие извештајот од истрагата на МВР…

Сè додека не се утврди како протече аудио од седницата на Комисијата за надзор на работата на тајните служби, којашто се одржа зад затворени врати, нема да продолжи седницата на која директорот на АНБ, Виктор Димовски треба да реферира за случајот со македонското државјанство и пасош на украинскиот олигарх, Олександр Онишченко.
Додека собранискиот спикер Џафери го чека извештајот на МВР, опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Димовски и се сомнева дека аудиото е намерно пуштено во етер.
Како Украинецот го доби македонското државјанство-директорот Димовски реферира и на затворена владина седница. Премиерот не открива детали поради карактерот на информациите, ниту кажува дали Онишченко бил тема на разговор со помошникот-генерален секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Дејвид Катлер кој допатува во посета на земјава.
И додека правници укажуваат дека Владата има право да го одземе државјанството на Онишченко кој е на црната листа на САД, опозицијата бара Димовски да не биде испратен за амбасадор во Париз.
Миле Ристески
