Годишнина од автобуската несреќата во Бугарија, семејствата на жртвите бараат правда
Една година од трагичната несреќа на автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија, во којашто загинаа 45-мина. Болка во семејствата на жртвите, но и жед за правда и одговорност за пропустите кои доведоа до трагедијата...

Цели катови куќи во скопско Студеничани зјаат празни откако оние кои требаше да ги исполнат со џагор и смеа, прерано заминаа во смрт. Семејствата се сеќаваат на своите блиски кои загинаа во трагичната несреќа во Бугарија. Велат, парите не можат да ја надоместат загубата. Но, по една година не добија ниту отштета, ниту правда.
Жителите со болка се сеќаваат на соселаните.
Обвинителството во Софија смета дека човечка грешка е причина за несреќата, поради неприспособената брзина. Адвокатот на дел од семејствата вели, постапката тапка во место. Незадоволен е што уште не е извршено обесштетување, ниту има одговори, зошто патната делница не била направена како што треба, а обвинува и дека неговите клиенти се дискриминирани од двете држави.
„Една година подоцна, истрагата во Бугарија и во Македонија е во мртва точка поради недостиг од интерес, како од бугарска, така и од македонска страна. Се нема интерес да се реши случајот, ниту да се откријат причините, зошто патот не бил како што треба“, изјави адвокатот, Николај Димитров.
Автобусот удри во банките и се запали на автопатот Струма, на враќање од Истанбул. Загинаа 45 луѓе. Во Скопскиот кривичен суд има процес против управителот на Беса Транс, но не за несреќата, туку, затоа што возилото немало извод од лиценца за превоз на патници.
Анита Димитријевска Велковска
