МВР: Мирни, фер и демократски избори, Македонија гласа европски

27.04.2014 15:25

Нема никакви поплаки ниту од партиите, ниту од набљудувачите...

Денешните парламентарни и претседателски избори досега минуваат во мирна, фер и демократска атмосфера на целата територија на Република Македонија. Буквално на ниту едно гласачко место низ целата држава не се регистрирани никакви посериозни проблеми, ниту пак имало нарушување на процесот на гласање, соопштува  Министерството за внатрешни работи.

„До овој момент до регионалните штабови и до републишкиот штаб на Министерството за внатрешни работи, како и до полициските службеници кои од утрово се распоредени на терен, нема ниту една посериозна пријава или барање за асистенција од избирачките органи, политичките партии и невладините организации“, изјави заменик министерот за односи со јавност на МВР, Иво Котевски. 

Македонија денеска гласа достоинствено и демократски согласно највисоките европски стандарди, додаде Котевски.

Од МВР соопштуваат дека  припадниците на Министерството остануваат на терен се до завршување на гласањето со надеж дека и во овие неколку часа до затварањето на гласачките места, граѓаните ќе продолжат да демонстрираат извонредно чувство и свест за значењето на денешните избори за иднината на земјата.