Пријавување субвенции за предадено овошје и зеленчук
Тече рокот за пријавување на субвенции за предадените количества на овошје и зеленчук во преработувачките капацитети. Финансиската поддршка за овоштарите и градинарите изнесува три, а за лозарите два денари за килограм. Пријавувањето е електронски или со помош на подрачните единици на Министерството за земјоделство…

До 25-ти декември можат да се поднесуваат барања за субвенции за продаденото овошје, зеленчук и винско грозје во преработувачките капацитети.
За овошните и градинарските култури можат да аплицираат сите земјоделски стопанства кои своето производството го предале за преработка во конзервната индустрија во периодот од 26-ти декември 2021-ва до 25-ти декември годинава. Висината на поддршката изнесува три денари за килограм за сите видови на овошје и на зеленчук.
Лозарите кои имаат површини под лозови насади и оствареното производство на винско грозје од реколта 2022-ра година го предале на регистрирани откупувачи, или го искористиле за потребите на сопствениот преработувачки капацитет можат да аплицираат за дополнителната финансиска поддршка од по два денари по килограм.
Земјоделците заедно со барањата, треба да достават и потврди издадени од преработувачот во кои јасно ќе биде назначена големината на предадените количества.
Барањата може да се поднесуваат по електронски пат во платежната агенција или заедно со помош на подрачните единици на Министерството за земјоделство.
Сите баратели при поднесување на апликациите треба да внимаваат на точноста на наведените податоци.
Методија Трајков
