Постигнат договор за косовските регистарски таблички
Белград и Приштина постигнаа договор за регистарските таблички. Србија нема да издава со ознаки на косовските градови, а косовските власти нема да ги казнуваат возачите што не ги пререгистрирале своите возила...

Лидерите на Србија и на Косово постигнаа договор за ставање крај на спорот околу регистарските таблички, потврди високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп борел.
„Имаме договор! Со големо задоволство можам да објавам дека главните преговарачи на Косово и Србија, со посредство на ЕУ, договорија мерки за избегнување на натамошна ескалација и целосно да се концентрираат на предлогот за нормализација на нивните односи“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи.
Борел рече дека Србија ќе престане да издава регистарски таблички со имињата на косовските градови, а Косово ќе ја прекине пререгистрацијата на возилата. Меѓу другото, истакна дека ќе ги покани партиите во наредните денови да разговараат за следните чекори.
САД го поздравија договорот меѓу Белград и Приштина, оценувајќи го како најдобар начин Србија и Косово да имаат европска иднина.
Најновата ескалација, пораст на тензиите меѓу двете страни е поради планот на Косово да почне со казнување на илјадници возачи кои во моментов имаат регистарски таблички од Србија.
Марина Ристова
