Концерт

Филхамронија го слави 78-от роденден со концертот „Азно“

24.11.2022 10:57

Диригент на концертот е маестро Борјан Цанев, а на програмата ќе бидат дела од Јохан Себастијан Бах, Макс Брух и Петар Илич Чајковски.

Оркестарот на Филхармонијата вечерва ќе одржи концерт насловен „Азно“, со кој ќе одбележи 78 години од формирањето на институцијата. На роденденскиот концерт како солист ќе настапат Кирил Трусов, еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена во моментов, и македонската обоистка Гордана Јосифова Неделковска.

Диригент на концертот е маестро Борјан Цанев, а на програмата ќе бидат дела од Јохан Себастијан Бах, Макс Брух и Петар Илич Чајковски.

Поддржан и воден од славниот виолинист и диригент сер Јехуди Мењухин, Кирил Трусов денеска важи за еден од водечките виолинисти на неговата генерација. Интернационалната јавност неговата изведба ја опишува како „импресивно елегантна, со неверојатна техника и исклучително чувство и музичка сензуалност да ја извлече скриената убавина на делата што ги свири…“ Кирил Трусов е редовен гостин на престижните светски сцени и на најпознатите музички фестивали. Соработувал со познати диригенти како сер Невил Маринер, Владимир Федосејев, Даниеле Гати, Лоренс Фостер, Михаил Јуровски, Дејвид Стерн, Кристоф Попен, Владимир Спиваков, како и со најдобрите симфониски оркестри во светот.

Гордана Јосифова-Неделковска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Киро Давидовски, а се усовршува на академијата „Моцарт“ во Варшава, Полска и BANFF центарот за музика и звук во Канада, како нивен стипендист. Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари.

Добитникот на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, Нови Сад, Загреб, Њујорк, турнеи во Полска и Казахстан). Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.