Бесими: Дефицитот во Буџетот се капитални инвестиции, поддршката за справување со енергетската криза и отплата на камати
Со буџетот во 2023 година се обезбедува редовно сервисирање на обврските кои произлегуваат од политиките и мерките што се предвидени во овој документ, како и за отплата на долгот...

Буџетот за 2023 година е реалност и ја зема предвид актуелната состојба под влијание на енергетската и ценовната криза, ги зема предвид напорите за заздравување и забрзување на економскиот раст, како и потребата од сервисирање на преземените обврски и каматите, oва го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во расправата на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Кога дискутираме за буџетот треба да ја земеме предвид реалноста. Во буџетот нема нов дефицит. Тоа се 250 милиони евра за мерки, кои доколку ја немаше кризата ќе беше дефицитот понизок за таа сума. Ако не мислиме на развој немаше да има 250 милиони евра за Коридорот 8 и да не беа каматите од акумулирани долговри од 210 милиони евра, дефицит немаше да има, рече министерот Бесими и додаде дека овој буџет е во согласност со златното правило во јавните финансии, односно капиталните инвестиции се планирани на повисоко ниво од дефицитот.
Според министерот, она што е за истакнување и по што се разликува овој дефицит од претходно е што тој е понизок од капиталните инвестиции.
Капиталните инвестиции се планирани на ниво од 48,9 милијарди денари. Планираното ниво на капитални расходи за 2023 година учествува со 5,3% од БДП и тие се за 52,3% повисоки во однос на планот за 2022 година. Наменети се за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството, рече министерот Бесими и додаде дека значајни средства од 15 милијарди денари се за Коридорот 8, патни делници Тетово – Гостивар, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани и Коридорот 10 д, делницата Прилеп – Битола.
Расправата по Предлог- буџетот во Комисијата за финансирање и буџет согласно Деловникот на Собранието трае најмногу 10 дена. На предложениот текст од пратениците се поднесени 263 амандмани.
