Македонија

Осуда за оштетувањето на бугарскиот клуб во Охрид, полицијата презема мерки

24.11.2022 13:54

Синоќа повторно беше оштетена канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, но овој пат оштетувањето на стаклата на клубот беше предизвикано со оружје. Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителите. По инцидентот се огласи премиерот Димитар Ковачевски, а македонското Министерство за надворешни работи најостро го осуди овој настан.

Синоќа околу 19 часот во СВР Охрид било пријавено оштетување на стакло на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид. Полициски екипи излегле на терен при што било утврдено дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје. По насоки на јавен обвинител полицијата презема мерки за расчистување на настанот. Оштетувањето на канцеларијата се случува по трет пат, а сличен инцидент имаше само пред три дена.

„Мислам дека тоа што се пукало не е добро. Сите сме на некој начин загрижени“.

„Секој би бил загрижен за безбедноста, секој би бил загрижен, друго не можам ништо да кажам“, велат охриѓани.

По инцидентот реагираше и премиерот Димитар Ковачевски. Се огласи и македонското министерство за надворешни работи при што најостро го осуди вандалскиот чин со употреба на оружје. Особено загрижува тоа што ваквите инциденти се повторуваат во многу краток период, се вели во соопштението при што се посочува дека тие се неприфатливи, бидејќи можат да загрозат човечки животи и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава.

Сашо Нелоски