Стружани очекуваат многу од овие избори
Одѕивот на гласачите во Струга до 13 часот според информациите од Општинската изборна комисија беше 17,9% излезност за парламентарните и 13,9% за претседателските избори...

Раздвижено во мирна и празнична атмосфера денес во Струга се одвива гласањето за парламентарните и претседателски избори каде убавото време беше дополнително искористено за прошетка покрај брегот на Охридското Езеро.
Одѕивот на гласачите во Струга до 13 часот според информациите од Општинската изборна комисија беше 17,9% излезност за парламентарните и 13,9% за претседателските избори за разлика од општина Вевчани каде бројката на излесност е значително повисока и тоа 39,9% за парламентарните и 39,8% за претседателските.
Граѓаните на Струга очекуваат многу од овие избори.
„Очекуваме придвижување кон НАТО и ЕУ, нови инвестиции и отварање на нови работни места, како и поквалитетно образование“, изјави млад стружанец.
„Јас се надевам да биде се подобро посебно за младината. Ние како пензионери сме добри, но сакаме и помладите да се како нас исто, да си дочекаат пензија“, рече пензионерка од Струга.
Во општина Струга право на глас имаат вкупно 57.983 гласачи и 2070 во општина Вевчани.
Јованчо Наумоски
