Србија-Косово

Со посредство на Брисел, Белград и Приштина постигнаа договор за регистарските таблички

24.11.2022 14:50

Белград и Приштина ја смирија тензијата, барем засега. Вучиќ најави формирање заедница на српски општини, Курти преговори за европскиот предлог...

Лидерите на Србија и на Косово постигнаа договор за ставање крај на спорот околу регистарските таблички, потврди високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел. Србија ќе престане да издава регистарски таблички со имињата на косовските градови, а Косово ќе ја прекине пререгистрацијата на возилата.

„Имаме договор! Со големо задоволство можам да објавам дека главните преговарачи на Косово и Србија, со посредство на ЕУ, договорија мерки за избегнување на натамошна ескалација и целосно да се концентрираат на предлогот за нормализација на нивните односи“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи.

Борел рече дека ќе ги покани партиите во наредните денови да разговараат за следните чекори.

Српскиот претседател Вучиќ рече дека договорот за табличките е мала тактичка победа, но дека Србија ја очекуваат тешки времиња. Тој е задоволен од исходот, но преостанува формирањето заедниците на српските општини.

„Еден услов е исполнет, а тоа е да нема наплата на парични казни, нема одземања возила и таблички. Имате друг услов, формирање на заедница на српски општини. Кога таа ќе се формира, одиме на нешто друго“, изјави Вучиќ.

Косовскиот премиер Курти рече дека се работи за договор, да се разговара за германско-францускиот предлог за решавање на косовското прашање.

„Синоќешниот договор не е договор за регистарски таблички. Ќе дадеме простор за преговори за предлогот на ЕУ, кој претходно беше наречен француско-германски предлог“, изјави Албин Курти.

САД го поздравија договорот меѓу Белград и Приштина, оценувајќи го како најдобар начин Србија и Косово да имаат европска иднина.

Најновата ескалација пораст на тензиите меѓу двете страни е поради планот на Косово да почне со казнување на илјадници возачи кои во моментов имаат регистарски таблички од Србија.

Марина Ристова