Здравство

Нема термини за дијагностика за малигни заболувања

25.11.2022 14:17

Нема термини за дијагностика за пациентите со онколошки заболувања. Чекаат со месеци или прегледите ги плаќаат приватно. Бараат надлежните да го решат проблемот, велат дека имаат сериозна дијагноза и немаат време за чекање. Пред две недели министерот Сали вети дека по Нова година проблемот ќе биде решен со нови апарати во 12 јавни здравствени установи…

Шеесетгодишна скопјанка термин за ехо на дојка добила пред Нова година. Барала помош на хирургија бидејќи има неподносливи болки, но од таму и рекле дека не можат ништо да сторат без претходна дијагностика.

И преку системот Мој Термин може да се види дека во ниту една од поликлиниките во Скопје, не може да се закаже снимање за ехо на дојка, ниту во болниците низ државата. На Клиника за радиологија, прв слободен термини е за 33 дена. Секој вид на дијагностика е проблем, велат пациентите со малигни заболувања, за да не чекаат плаќаат од 20 до 60 илјади денари за приватни прегледи.

Министерот Сали пред десетина дена, призна дека ова е сериозен проблем и работат на негово решевање. Најави дека по Нова година, 12 јавни здравствени установи ќе добијат најсовремени апарати за дијагностика и пациентите ќе можат навреме да добијат терапија.

Наташа Јанчиќ Менковски