Четириесет и три лица од Куманово побарале помош за семејно насилство
Од вкупниот број кривични дела од областа на семејното насилство, во 30 случаи жената била жртва. Куманово од пред два месеца доби советувалиште. Надлежните повикуваат да не се молчи и насилството да се пријавува. 25-ти ноември се одбележува како Меѓународен ден за борба против насилството врз жените и трае до 10-ти декември, Денот на човековите права...

Четириесет и три лица побарале помош за семејно насилство на подрачјето на Куманово за изминатите десет месеци, информира полицијата. Од вкупниот број регистрирани кривични дела, во својство на жртва се 30 жени, а во два случаи жените биле сторители. Лани биле регистрирани 60 кривични дела. Претходната година семејна расправија заврши трагично. Двајца сопружници беа пронајдени починати со повреди во нивниот дом.
„Полицијата по контактот со жртвата на семејно насилство и обработените податоци, го известува Центарот за социјални работи, заради обезбедување и иницирање судска заштита од насилникот и изрекување привремени мерки“, истакна Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.
Североистокот до пред два месеца немаше советувалиште за жените и деца жртви на насилство. Истото засега функционира само во Куманово, иако плановите се да се прошири за целиот регион. Досега помош побарале шест жени.
„Нашите услуги се првично прифаќање на клиентката, правење на интервју, процена, и нудење на правна социјална или психолошка поддршка или кариерно советување кое може да им помогне на жените коишто не се обезбедени, да се обезбедат некоја квалификација, за утре да можат самостојно да функционираат ако излезат од насилната средина“, нагласи Лидија Илијевска, претседателка на хуманитарното здружение „Мајка“.
Надлежните велат дека насилството може да се спречи само со навремена реакција. Затоа жртвите не треба да молчат, а насилниците да се казнат. Тие ги охрабруваат жртвите да пријават на 192 или во најблиската полициска станица.
Елена Георгиевска
