Заедничка вежба на специјалните антитерористички единици на Македонија и на Бугарија
ХАРПУН 2022 претставува приказ на решавање на заложничка ситуација предизвикана од терористичка група од вода, копно и воздух.

Денеска во Охрид се одржа демонстрација на Оперативно-тактичка вежба ХАРПУН 2022 од страна на припадниците на Специјалната Антитерористичка Единица „Тигар“ од МВР на Република Северна Македонија и Специјалниот одред за борба против тероризмот од МВР на Република Бугарија, во содејство со Одделот за воздухопловни единици при МВР на Република Северна Македонија.
ХАРПУН 2022 претставува приказ на решавање на заложничка ситуација предизвикана од терористичка група од вода, копно и воздух.
Ова е втора заедничка демонстрација на вежба од ваков вид за оваа година, а првата се одржа во јуни 2022 година во Софија.
На вежбата присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Венцислав Катинов. Тие истакнаа дека ваквите заеднички активности треба да станат одржлива практика бидејќи придонесуваат за развој и зајакнување на директни и редовни контакти и продлабочување на практично ориентирана интеракција во борбата против терористичките закани.
Ова е особено важно и за двете земји, бидејќи како соседни земји и Република Бугарија и Република Северна Македонија се соочуваат со заеднички безбедносни предизвици и тие бараат заеднички напори, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
