Отворен новиот објект на Бугарскиот културен центар
Бугарскиот културно-информативниот центар во Скопје во нови простории. Министрите за култура на двете држави сметаат дека ќе придонесе за приближување на двата народа…

Со официјална церемонија во Скопје е отворена новата зграда на бугарскиот Културно-информативен центар во центарот на Скопје. Министрите за култура на двете држави сметаат дека ќе придонесе за приближување на двата народа.
„Со новиот објект на Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје да се отвори нова енергија во меѓусебните односи за културен натпревар и за победа на креативноста. Бугарскиот КИЦ во Скопје и нашиот во Бугарија имаат за цел да не доближат како народи и култури. Отворете ги ширум портите на културата“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
„Културата е мост кој овозможува сите да се соединиме, уште повеќе да го насочиме погледот кон иднината. Иднината каде сите ќе бидеме заедно со научени лекции да работиме рамо до рамо потврдувајќи ги нашите заеднички цели за одредување на место на културата во нашите општества“, рече бугарскиот министер за култура Велислав Минеков.
Во бугарскиот културен центар отворена е изложба на слики од современи македонски и бугарски уметници.
„Културно-информативниот центар на Бугарија планира со културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија, заеднички проект за претставување на млади музичари од двете држави“, најави Антонија Велева, директор на Бугарскиот културен центар.
Бугарскиот културен центар во Скопје е основан во 2006-та година по договорот меѓу владите од април 2003-та година.
Ирина Гелевска
