Приватните превозници нема да возат додека не ги добијат средствата
Приватните превозници остварија средба со советничките групи во град Скопје. Изутрина протестираа пред јавното сообраќајно претпријатие. Бараа одговор од менаџментот, зошто не им е исплатен долгот од околу два милиони евра за неколку месеци. Остри реакции по вчерашните обвинувања од градоначалничката Арсовска за криминал при наплата на билети и нивно фактурирање до ЈСП, а непријавување на заработката...

Чесни луѓе сме, сами инвестиравме во сето она што го имаме, редовно плаќаме даноци – изјавија приватните автобуски превозници кои протестираа пред седиштето на ЈСП Скопје, каде бараа средба со првиот човек на претпријатието. Револтирани се по последната прес-конференција на Арсовска. Истакнаа дека се згрозени од изнесените невистини околу т.н. продажба на билети без фискални сметки.
Сепак, приватните превозници се сретнаа со координаторите од советничките групи во град Скопје. Задоволни се од средбата, но велат, – сè додека не се изврши наплатата на средствата, нема да возат.
Приватните превозници, за тоа, дали ќе протестираат, ќе одлучат дополнително.
Ана Ј. Тодоровска
