Клиниката за радиотерапија и онкологија ќе ги подобрува услугите со онколошки конзилиум
На Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје, од новиот в.д. медицински директор се преземени организациски промени, со цел подобрување на здравствените услуги во клиниката...

На Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје, од новиот в.д. медицински директор се преземени организациски промени, со цел подобрување на здравствените услуги во клиниката.
Формиран е онколошки конзилиум, чии одлуки се начин за правилна и подобрена покриеност на пациентите со биолошка терапија. Исто така, во тек е обновување на онколошките протоколи за лекување, согласно медицина базирана на докази, но адаптирани во рамките на актуелните можности на буџетот на клиниката. Биолошката терапија, односно лековите кои не се на позитивна листа, ги обезбедува клиниката преку условен буџет, кој е дефиниран во соработка со надлежните институции.
По насока на Владата и Министерството за здравство, спроведуваме ревизија која очекуваме во брз рок да даде анализа и јасен пресек на состојбата. За овој дел, јавноста ќе биде дополнително информирана се со цел заштита на јавниот интерес.
Воедно, сакаме да Ве информираме дека работиме и на анализа која дополнета со наодите од ревизијата ќе биде основа за преземање на други чекори и активности за креирање ново системско решение кое ќе оневозможи каква било злоупотреба на процесите, во интерес на пациентите и граѓаните.
