Охрид

Без образован кадар нема развој на елитен туризам

26.11.2022 11:55

Без образован кадар нема можности за развој на елитен туризам. Иако по петнаесет години на охридскиот Факултет за туризам и угостителство годинава се запишаа рекорден број студенти на насоката гастрономија, прашање е колку од нив ќе останат во Охрид. Ќе се изнајде ли начин младите да не го напуштаат градот?

Во изминатите неколку децении многупати се отвораше прашањето дали Охрид треба да развива елитен туризам. Сепак се чини дека македонскиот бисер од сите елементи коишто го сочинуваат тој вид туризам, барем засега ја поседува само атрактивноста на стариот дел на градот и древното езеро. Иако многу заостануваме зад таквите туристички центри експертите сметаат дека не е сè загубено.

„За жал се чини дека одамна го имаме пропуштено возот за развој на елитен туризам, но од моја страна гледам дека има можности истиот да се развива доколку засегнатите страни ги впрегнат ракавите и доколку се насочат кон реализација на такво нешто“, вели доц. д-р Климент Наумов-Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Несериозно е да се зборува за елитен туризам кога во дел од хотелско-угостителскиот сектор наместо образовани кадри услугите ги вршат приучени готвачи или келнери. Оваа година на Факултетот за туризам и угостителство имаше рекорден упис на студенти на насоката гастрономија, но прашање е колку од дипломираните ќе останат во земјава.

„Се повеќе и повеќе од тие наши алумни, односно студенти коишто се завршени или коишто се при крај или се апсолвенти се одлучуваат да отпатуваат во некоја од земјите од регионот, на пример во Хрватска каде што платите се далеку поголеми и можностите за заработка се на повисоко ниво“, додава доц. д-р Наумов.

На Балканот моментален тренд е младите образовани кадри да заминуваат во западноевропските земји, нешто што може да се спречи со поголема заработувачка и подобри услови за работа. Само така ќе има развој на туризмот и воопшто на македонското стопанство.

Сашо Нелоски